Гостивар успеа да слави на премиерниот меч од новата сезона, во која тимот предводен од тренерот Малинков стигна до триумф на гостувањето против Вардар (70-76). „Црвено-црните“ парираа во текот на целиот меч, но искуството беше на страна на гостиварци кои беа поумешни во последната четвртина, се одлепија резултатски и стигнаа до посакуваниот резултат.
Нападот на Гостивар функционираше беспрекорно од самиот почеток, па во првата четвртина гостите поведоа со 14-21. Вардар не се предаде, експресно намали на 20-23, а потоа на полувреме се замина со водство на Гостивар од 39-42 со поените со звукот на сирената на домашниот играч Хемптон.
Во последните десет минути се влезе со минимално водство на гостиварци од 57-59, но „сино-белите“ отворија со брзи четири поени во низа. Вардар дојде до 61-63, но следеше нова мини-серија со која Гостивар го контролираше резултатот, на крајот славејќи со „плус шест“.
Максим Митевски со 20 поени беше најдобар поединец во победничкиот тим, каде 15 поени постигна искусниот Дарко Соколов. Кај домаќините најефикасни во првиот меч од новата сезона беа Рос со 17 и Наков со 15 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА