Гостиварци по продолжение потклекнаа во Кавадарци

Кошаркарите на Гостивар го доживеаја и вториот пораз сезонава, овој пат потклекнувајќи во 9. коло од Првата македонска кошаркарска лига со пораз по продолжение од 92-86 на гостувањето против Еуро Никел во Кавадарци.

Еуро Никел одлично го почна мечот добивајќи ја првата четвртина со 26-16. Во продолжението гостиварци полека но сигурно се враќаа во игра, постепено анулирајќи ја предноста на домашните.

Сепак, дури во последниот период од играта Гостивар на пет минути до крајот на мечот дојде до пресврт и предност од 69-72. Низ израмнета игра со поен за поен во финишот Младеновиќ на 25 секунди пред крајот донесе 78-76 за Еуро Никел, но Пипкинс на 13 секунди до сирената успеа да погоди за 78-78 и продолжение за својата екипа.

Но, токму во продолжението Гостивар одигра далеку полошо а Еуро Никел со сигурна игра во офанзивата дојде до триумф од 92-86.

Најефикасен во победничкиот тим беше Соколов со 20 поени, дополнето со седум асистенции и шест скока, Младеновиќ мечот го заврши со 18 поени, а Џекиќ постигна 16 поени. Кај Гостивар не помогна ни извонредниот Пипкинс кој мечот го заврши со 33 поени и шест скока и пет асистенции.

За Еуро Никел ова беше петта победа сезонава, наспроти и четири порази, а Гостивар остана на третата позиција на табелата со седум победи и сега два порази.

Се вчитува...