Екипата на Гостивар во третото коло ја забележа и третата победа во кошаркарската Прва лига, откако вечерва славеше на гостувањето против Пелистер со резултат 79-91. Избраниците на Марјан Србиновски важеа за големи фаворити во пресрет на овој дуел, но битолчани предводени од Американецот Роберт прикажаа добра игра и ги натераа гостите добро да се испотат за да дојдат до бодовите на овој натпревар.
Иако по неполни четири минути игра резултатот гласеше 2-9, домаќините набрзина се консолидираа, влегоа во ритам и уште пред крајот на четвртината се вратија резултатски во мечот (13-16). Во текот на вториот период Гостивар неколку пати се одлепуваше, но „пелистерци“ наоѓаа сили за враќање, па на одмор се замина со само еден поен предност за гостите (38-39). Како пресуден се покажа неколкуминутниот период од третата четвртина, кога по израмнувањето на 47-47 гостите нанижаа 13 поени по ред, создавајќи си одлична предност што потоа знаеја како да ја задржат до самиот крај.
Сегариќ со 20 поени и осум асистенции беше клучен играч и при денешниот триумф на гостиварци, Димчевски постигна 17, а Робев 15 поени за победничката екипа. Убедливо најефикасен на натпреварот беше Американецот на Пелистер, Луис Роберт, кој реализираше 40 поени и осум асистенции.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА