Гостиварци со јасна цел: Секоја година по еден чекор напред

Екипата на Гостивар по долга пауза се врати во елитното кошаркарско друштво, влезе во Супер-лигата, а бележи солидни резултати и во новата натпреварувачка сезона. Управата на клубот, составена од бизнисмени од овој град, останува на поставената стратегија, да се постават цврсти темели за клубот да продолжи да се развива како што ќе одминува времето.

„Како клуб што беше повратник во Првата лига, секако дека мораме да бидеме задоволни од она што го остваривме. Не говориме само за петтото место на табелата, туку за целокупното поставување на клубот на здрави нозе, одново функционирање на младинската школа од која очекуваме во блиска иднина да почне да дава и кошаркари за првата екипа. Во управата се ентузијасти кои го сакаат спортот и кои прават се за да помогнат, а наша цел е секоја година да одиме по еден чекор напред. Ланската сезона ја завршивме на петтата позиција, сега наша желба е да влеземе во првите четири и да се најдеме во плејофот“ – истакнува тим-менаџерот на гостиварци, Бали Саити.

Гостиварци составија квалитетен ростер, а сериозноста на проектот ја потврдија со добивањето на трката по Александар Костоски, репрезентативецот за кого се интересираа неколку македонски прволигаши.

„Горди сме што го добивме Костоски како засилување, како потврда за сериозноста на она кон што се стремиме. Задоволни сме од тимот што во моментов го имаме на располагање, но не ја отфрламе и можноста за носење на уште некој квалитетен кошаркар во пресрет на Супер-лигата“ – вели Саити.

Тим-менаџерот на Гостивар не го крие разочарувањето од нееднаквиот третман на Македонската Кошаркарска Федерација кон прволигашите.

„Мислам дека е време МКФ да почне да функционира како сериозна организација, а не за едните да биде мајка, а за други екипи маќеа. Од нас се бараше се и сешто за да можеме да играме во Гостивар и ги исполнивме сите услови што ни беа поставени, а сега гледаме дека истите тие работи ги нема во половина сали во Македонија. Санкционирани сме или предупредувани за навивање, а кога има пцовки кон нашата екипа судиите и делегатите молчат. Ние сме сериозен клуб, овде луѓето даваат пари од свои џеб и не бараат ништо повеќе освен да бидат третирани како и секоја друга екипа, а не да сме во подредена улога во однос на општинските прволигаши“ – порачува Бали Саити.

Се вчитува...