Готово е: Барса го победи Челси – Рафиња доаѓа на „Камп Ноу“

Челси загуби уште една трка за посакувано засилување откако Барселона излезе како победник од обидите за ангажман на Рафиња. Како пресудна се покажа желбата на бразилскиот репрезентативец за преселба во Барса, поради што тој ја одби понудата на Челси, иако лондонскиот премиерлигаш уште пред петнаесетина дена се имаше договорено со Лидс околу висината на отштетата.

Бразилецот јасно стави до знаење дека Барселона е единствениот клуб каде сака да ја продолжи кариерата, вршејќи дополнителен притисок врз Лидс во преговорите со каталонскиот гигант. Откако Рафиња не замина на подготовките во Австралија стана јасно дека двете страни се блиску до договор, за денеска да бидат средени сите детали.

Барселона понуди стартни 58 милиони евра, плус дополнителни 10 милиони евра поврзани со неколку остварливи клаузули, по што челниците на Лидс се подготвени да дадат зелено светло за Бразилецот да си замине од „Иланд Роуд“. Рафиња ќе биде вториот клучен играч што летово го напушта Лидс Јунајтед, откако претходно Калвин Филипс се пресели во редовите на Манчестер Сити.

Се вчитува...