Хакан Чалханоглу од денеска е нов член на Интер, трансфер со кој турскиот плејмејкер направи големо предавство напуштајќи го Милан за да потпише договор со лутиот градски ривал. За трагедијата за „росонерите“ да биде уште поголема, тој си заминува како слободен игра, па овој клуб нема да заработи ниту евро од неговиот трансфер откако минатото лето одби неколку понуди од по 20 милиони евра верувајќи дека ќе биде потпишан нов договор и тој ќе остане уште долго во клубот.
„Росонерите“ долго време го убедуваа Чалханоглу да потпише нов договор, но Чалханоглу остана цврст на барањата од шест милиони евра годишна плата, додека Милан во ниту еден момент на преговорите не стигна ниту до пет милиони (максимлната понуда изнесуваше 4,5 милиони евра по сезона плус бонуси). Интер по здравствените проблеми на Ериксен веднаш се активираше на пазарот и ги задоволи барањата на Турчинот, кој уште за време на ЕВРО 2020 начелно ги договорил условите од трансферот.
По завршувањето на настапот со националниот тим Чалханоглу веднаш се вратил во Милано, каде „росонерите“ ја израмниле понудата на градскиот ривал, но тој веќе имал дадено збор на Интер и решил да го испочитува тоа ветување. Хакан денеска ги мина лекарските прегледи и потпиша тригодишен договор со „нероаѕурите“, кои треба и официјално да го потврдат трансферот во следните 24 часа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА