Лионел Меси дефинитивно ќе ја продолжи кариерата во дресот на ПСЖ откако францускиот гигант експресно ги договори условите за соработка со аргентинскиот фудбалски генијалец.
Меси неколку пати ги одби „светците“ во текот на летово, но ситуацијата се промени откако Барса објави дека не е во можност да го регистрира Аргентинецот во Ла Лига. Манчестер Сити воопшто не испрати понуда, Челси е фокусиран на Ромелу Лукаку, па францускиот вицепрвак остана единствен во трката по Лео, водејќи интензивни преговори со неговиот татко во изминатите 24 часа.
Начелно е постигнат договор за соработка во наредните две сезони, финансиските детали не се обелоденуваат, но Меси дефинитивно ќе биде најплатен фудбалер во тимот на ПСЖ.
Нејмар се обидувал да го убеди својот поранешен соиграч нудејќи му го и дресот со број 10 што Бразилецот го носи од доаѓањето на „Паркот на принцовите“. Меси сметал дека тоа не е неопходно, одбивајќи го добриот пријател на оваа тема. Според најавите од Франција, Аргентинецот ќе го носи дресот со број 19 во ПСЖ, бројка што ја носеше на почетокот од својата кариера во Барселона, но и во аргентинската репрезентација.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА