Фудбалскиот клуб Партизан се соочува со огромни проблеми, тимот беше елиминиран во трите рунди од европските натпреварувања и нема да биде дел од групната фаза, во домашното првенство се мачи да бележи победи, а згора на тоа денеска остана и без својот најдобар стрелец и играч Матеус Салдања.
Бразилскиот голгетер веќе два месеца упорно инсистираше да му биде дозволено да си замине, се споменуваа Хофенхајм, АЕК и клубови од Саудиска Арабија, но Салдања на крајот сепак заврши во соседната Унгарија, и тоа во редовите на шампионот Ференцварош.
Српските медиуми информираат дека трансферот е целосно договорен, а Ференцварош ќе плати пет милиони евра за Салдања, што е нов апсолутен рекорд за најскап трансфер во унгарскиот фудбал, двојно повисок од досегашниот рекорд на Лончар од Ријека во Ференцварош за вкупни 2,5 милиони евра.
Неофицијално, Партизан на местото на Салдања ќе го ангажира Лазар Романиќ од Железничар, уште еден јасен доказ дека управата на „црно-белите“ е далеку од сериозна во намерите да состави екипа со која би можела да парира на шампионот Црвена Звезда.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА