Раководството на Пари сен Жермен заврши третина од работата во напорите да обезбеди 80 милиони евра од продажба на фудбалери до крајот на јуни, за да не биде казнет од УЕФА за прекршување на финансискиот ферплеј. Лукаш Моура од денека не е повеќе член на „светците“ од Париз откако францускиот вицешампион даде зелено светло за негова преселба во Тотенхем, трансфер од кој ПСЖ ќе заработи 28 милиони евра.
За брзоногиот офанзивец постоеше сериозен интерес од Кина, но откако тој изрази желба да остане во Европа стана јасно дека нема доволно сериозни купци за да се развие трка во која ПСЖ би можел да ја „билда“ цената. Тоа го искористи Тотенхем, па челниците на „спарси“ најпрвин ги договорија личните услови со Бразилецот, за доцна синоќа да биде договорена и сумата за отштета што ќе ја добие францускиот клуб.
Моура денеска и официјално ќе потпише договор на три и пол сезони, а со овој фудбалер стратегот Маурицио Покетино добива уште едно значајно оружје во играта во офанзива, како поддршка за Хари Кејн.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА