Македонската ракометна репрезентација ги стартуваше мини подготовки за престојниот двомеч против Исланд кој не очекува во рамките на квалификациите за пласман на Европското првенство.
Македонија почнува со нов селектор, Шпанецот Раул Гонзалез, верувајќи дека може да дојде до позитивен скор од двете пресметки со Исланд.
„Ова ни е прв собир по настапот на Светското првенство, сега и со нов селектор, па сето тоа доаѓа како еден нов почеток. Пред нас е добро познат противник, Исланд, против кого игравме и на шампионатот во Франција. Нема некои големи тајни меѓу нас, добро знаеме и ние за нив и тие за нас. Не чека, според мене, неизвесен двомеч. Ќе одлучуваат нијанси и на двете средби. Нашиот фокус е најпрво на тоа што не очекува овде во Скопје во четврток на натпреварот на кој одиме на сигурна победа“ – вели Гоце Георгиевски, пред новиот репрезентативен почеток кој не очекува.
Дали и како ќе се одрази доаѓањето на Раул Гонзалез на клупата на македонската репрезентација?
„Секој тренер си има своја филозофија, размислувања и концепција за игра. Па, сигурно ќе има некои промени во играта на репрезентацијата. Она што го имплементира во Вардар гледаме дека е одлично, верувам дека истото ќе го имплементира во националниот тим и ќе играме еден допадлив и модерен ракомет“ – истакнува Георгиевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА