Актуелниот тренер на Вардар, Гоце Седлоски следната недела треба да добие и официјална потврда како нов селектор на македонската репрезентација, по завршувањето на договорот на досегашниот предводник на националниот тим, Благоја Милевски.
Седлоски, кој од моментот кога беше јасно дека Македонија ќе добие нов селектор на А-репрезентацијата се издвои како водечки кандидат, следната недела се очекува од Комисијата на ФФМ за избор на нов селектор, составена од првиот човек на федерацијата Масар Омерагиќ, како и Горан Пандев, Агим Ибраими, Николче Новески и Марјан Стојкоски, официјално да биде предложен до Управниот одбор на ФФМ кој треба конечно да го потврди новиот предводник на најсилната македонска фудбалска селекција.
Според последните информации, како што беше и претходно најавено, интенцијата на Комисијата, согласно размислувањата и во домашната јавност, е македонски стратег да продолжи да го води националниот тим и во иднина, како и во претходните десет години кога Игор Ангеловски ја водеше Македонија од ноември 2015 до јули 2021, а потоа Благоја Милевски ја презеде од август 2021 до ноември 2025 година.
Името на Гоце Седлоски веќе еднаш е запишано како в.д македонски селектор кога на 15 август 2012 година ја предводеше Македонија на еден пријателски натпревар, во победата од 1-0, со голот на Горан Пандев, против Литванија во Скопје.
Седлоски е едно од најистакнатите македонски фудбалски имиња во историјата, заедно со Горан Пандев, единствени со најмалку 100 настапи за македонската А-репрезентација. Во тренерската кариера, пак, е еден од најуспешните стратези на домашната фудбалска сцена со досега три шампионски титули (две со Вардар во 2016 и во 2017 година) и една на чело на Шкупи во 2022 година, и плус еден трофеј во Купот на Македонија со Вардар минатата 2024/2025 сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

