Градоначалникот Јанчев на помош – Еуро Никел ќе биде спасен и ќе остане прволигаш

Кошаркарскиот прволигаш Еуро Никел ќе биде спасен и речиси сигурно ќе продолжи да се натпреварува во Првата лига, по денешниот состанок што челниците на федерацијата го имале со Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев. Токму Јанчев одиграл важна улога за менување на „климата“ во разговорите со раководството на клубот, на чие чело е фабриката Еуро Никел, па се очекува во следните 48 часа да се официјализира пресвртот и кавадарчани да објават дека овој клуб нема да згасне.

Кошаркарската јавност беше шокирана кога во петокот беше обелоденето дека Еуро Никел нема да се натпреварува повеќе во елитното друштво. Токму Јанчев, кој отворено ги помага фудбалскиот и ракометниот клуб Тиквеш, реши да се вмеша во целата ситуација и да не дозволи крај на оваа успешна спортска приказна.

Во текот на денешниот ден тој имаше средба со претставници на федерацијата на чело со претседателот Перо Антиќ, на која сите страни имаа заеднички заклучок дека мора да се стори се за Еуро Никел да биде спасен и кошаркарската приказна во Кавадарци да продолжи. Неофицијално, биле дадени гаранции што раководството на клубот ги барало, по што се исполнети сите услови за КК Еуро Никел да не исчезне од спортската мапа во Македонија.

Се вчитува...