Поранешниот европски првак Кјелце се соочува со сериозна финансиска криза откако градот Кјелце одби да му помогне на ракометниот колектив, отфрлајќи го барањето на претседателот Бертус Сервас за дополнителна финансиска помош од 4,5 милиони злоти (околу еден милион евра). Градските власти во претходните две години му помагаа на клубот со по два милиони злоти, но овојпат решија да не го задоволат барањето на Сервас.
„Претседателот Сервас во 2016 година за првпат аплицираше за помош, велејќи дека тоа е несекојдневна ситуација што нема да се повтори. Во 2017 се случи вторпат, опстанокот на клубот да зависи од два милиони злоти од градскиот буџет. Се согласив и покрај одредени примедби дека парите можат да се потрошат подобро за друга намена. Сега добивме апликација за 4,5 милиони злоти, сума што немаме шанси да ја исплатиме и за тоа веќе ги известивме челниците на ракометниот клуб“ – објавија од Градското собрание на Кјелце.
Бертус Сервас во интервју за полските медиуми се обиде да ја намали тензијата порачувајќи дека егзистенцијата на клубот не е доведена во прашање, но во меѓувреме се појави информација дека клубот должи над пет милиони злоти (околу 1,2 милиони евра). Неликвидноста може да се санира , но неопходно ќе биде да се намалат трошоците за во иднина, што само по себе би требало да се одрази и врз играчкиот квалитет во тимот.
Талант Душебајев има силен тим на располагање, но доколку се реализираат најавите за намалување на буџетот, тоа ќе значи речиси сигурно заминување на Алекс Душебајев, Агинагалде, Циндриќ и на уште неколку асови, што само по себе би значело распад-систем на клубот што во 2016 година се закити со титулата европски првак.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА