„Градски парк“ оди во историјата, Работнички бара нова сала

Работнички е подготвен да сврти нов лист во клупската историја, па почнувајќи од оваа сезона домашните натпревари повеќе нема да ги игра во салата „Градски парк“, која со децении наназад беше дом на најтрофејниот македонски кошаркарски колектив. „Црвено-белите“ пред неколку месеци таму ја прославија и најновата шампионска титула, но аномалиите во салата веќе станаа се поголеми и поочигледни, па „центарци“ и немаа друг избор освен да бараат нова опција за своите прволигашки натпревари. Комисијата при МКФ која вршеше инспекции на сите сали низ Македонија предупреди на низата работи што треба да се поправат за „Градски парк“ да може да ги задоволи се построгите критериуми, по што управата на клубот ја почна потрагата по „план Б“.

Во моментов најреална е опцијата Работнички да биде домаќин во СЦ „Борис Трајковски“, од каде „црвено-белите“ добиле понуда под одлични услови за соработка во текот на наредната сезона. Воедно, раководството на овој спортски центар им излегол во пресрет на челниците на клубот и за репрограмирање на долгот што Работнички го има кон „СЦ Борис Трајковски“ од пред неколку години, се со цел ова да биде почеток на една нова успешна соработка, а проблемите од минатото да се остават зад себе.

Доколку преговорите со овој спортски комплекс не вродат со плод, како резервен план на Работнички се споменува салата при СРЦ „Кале“, од која неодамна се откажа Ракометниот Клуб Вардар.

Во моментов само едно е сигурно, дека „Градски парк“ нема да биде домаќин на прволигашка кошарка, а се очекува во блиска иднина да се јават и челниците на актуелниот првак, со конкретни технички информации за новата натпреварувачка сезона.

Се вчитува...