Шпанија вечерва го игра полуфиналето на ЕВРО 2024 против селекцијата на Франција, а подготовките на националниот тим беа нарушени по серијата критики што голем дел од медиумите ги упатија кон Алваро Мората.
Асот на Атлетико Мадрид не само што е предводник на нападот на „црвената фурија“ туку ја носи и капитенската лента на овој шампионат, јасно е дека селекторот Де ла Фуенте има безрезервна поддршка за Мората, но новинарите и навивачите жестоко го критикуваа искусниот голгетер од почетокот на ЕП.
Дното беше допрено откако „Ел Конфиденциал“ објави текст со наслов: Мората, капитен што ја срамоти Шпанија, и тоа не само поради слабата форма на ЕП. Во текстот е наведено дека Алваро Мората е голем плачко, обвинувајќи го за незрело однесување.
„Кој е Мората да зборува лошо за Шпанија? Тој го има правено тоа неколку пати во минатото, сега повторно и за време на ова ЕП. Овој капитен не ја претставува достојно Шпанија. Тој ја срами државата со своите изјави, што ги повторува толку често, дека се чувствувано прогонувано и погрешно обвинувано во својата држава. Тој сака да изигрува жртва, што не е нормално“, се вели во текстот, откако Мората изјави дека многу подобро се чувствува надвор од татковината поради констатниот притисок што го чувствува во Шпанија и на клупски и на репрезентативен план.
Мората во истото интервју изјави дека сериозно размислувал дури и да се повлече од националниот тим за време на овој шампионат, додавајќи дека ова најверојатно ќе му биде последно големо натпреварување со Шпанија.
Селекторот Де ла Фуенте на последната прес-конференција побара поддршка за својот капитен и целосно обединување пред претстојниот полуфинален дуел, Мората дефинитивно ќе биде стартер и вечерва против Франција, но останува да се види дали бурата што се крена во изминатите 48 часа ќе остави трага врз настапот на „црвената фурија“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА