Гран Фондо е најатрактивната и најелитната велосипедска трка на светот, во која може да учествуваат професионалци и рекреативци. Тоа е најважниот глобален велосипедски настан на денешницата, кој доживеа експанзија особено во годините на и по пандемијата Ковид-19.
На 18-ти септември 2022-та во Скопје ќе се одржи првата Гран Фондо трка во Македонија, со што нашата земја и нашиот главен град ќе добијат свое место на мапата на светски познатите и реномирани велосипедски настани, кои се одржуваат во сите развиени земји.
„Македонија ќе добие одлична шанса за промоција на велосипедизмот со светски популарен настан, кој може да влијае позитивно и на развојот на велосипедизмот и на развојот на туризмот на вашата земја. Ова е еден од првите чекори со кои се обидуваме да ја вметнеме Македонија на светската велосипедска мапа. Имаме одличен соработник во името на Велосипедската Федерација на Македонија“, изјави Енрико Дела Каса, претседателот на Европската Велосипедска Унија.
Освен натпреварувачки и рекреативен карактер, овие трки во многу нешта придонесуваат и за развој на туризмот и за збогатувањето на портфолиото на државите и градовите кои се организатори, затоа што предвидуваат учество на голем број натпреварувачи и воедно присуство на огромен број гледачи вљубеници во велосипедизмот, од сите страни на светот.
ВФМ обезбеди организација на уште еден голем настан од оваа серија, а тоа е Гран Фондо ЕП во 2023-та година.
„Можеме со задоволство да истакнеме дека освен организацијата на евентот Гран Фондо Скопје 2022, ја добивме организацијата и на европското првенство во Гран Фондо, кое ќе се одржи 2023-та година. Тој настан најверојатно ќе биде одржан во јуни, но ќе почекаме додека да ги утврдиме сите детали. Ова е само уште една потврда за заложбите на Велосипедаката федерација на Македонија, за развој и промоција на велосипедизмот“, изјави претседателот на ВФМ, Сашо Димитријоски.
На Гран Фондо трките може да учествува секој еден поединец, рекреативец или професионалец, кој има велосипед и кој сака да биде дел од овој спектакл. Пријавувањето се врши преку сајтот granfondo.mk, во секцијата „регистрација“. Социјалните медиуми се Instagram акаунтот и Facebook страната, кои може да ги најдете под името Gran Fondo Skopje или @granfondoskopje.
Велосипедската Федерација на Македонија и Гран Фондо ги повикуваат сите искрени љубители на велосипедизмот и на спортот воопшто, да присуствуваат на овој голем настан во улога на натпреварувачи или гледачи, со цел заедно да ги промовираме вистинските човекови вредности.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

