Гранде Пандев му пресуди на Гатузо, Џенова го изненади Наполи

Џенова стигна до значајни три бода на дуелот со Наполи, земајќи го скалпот на големиот фаворит (2-1) благодарение на Горан Пандев. Македонскиот ас по подолго време беше стартер во својот тим и максимално ја искористи укажаната шанса постигнувајќи два погодоци уште во првото полувреме. Со овој пораз, Џенаро Гатузо повторно се наоѓа пред отказ во Наполи, а големи се шансите токму македонскиот голгетер да му пресуди на овој стратег, ставајќи крај на неговата авантура во Неапол.

Пандев ја искористи првата шанса на натпреварот, откако Наполи загуби една топка на триесетина метри од својот гол, Македонецот беше одлично проигран во шеснаесетникот, во манир на голем стрелец стрелајќи во мрежата. Нешто подоцна, Џенова веќе водеше со 2-0, повторно благодарение на Пандев, кој на асистенција на Зајц го матираше голманот Оспина.

„Наполитанците“ во второто полувреме двапати ја погодија рамката од голот на Перин, постигнаа и еден погодок преку Политано, што сепак се покажа недоволно за да се избегне пораз на оваа средба. Последната шанса на мечот ја имаше Елиф Елмас, кој во 92. минута доби топка на десетина метри од противничкиот гол, но биеше високо над гредата.

Се вчитува...