Грбиќ ги казни полските одбојкари: Мора да останат во Олимпиското село, нема веќе селфи крај Ајфеловата кула

Селекторот на полската одбојкарска репрезентација, Никола Грбиќ реши да ги казни своите играчи по слабиот настап и поразот на последниот меч од групната фаза против Италија.

Полска и покрај поразот се пласираше во четвртфиналето каде ќе се сретне со Словенија, но Грбиќ јасно стави до знаење дека бара целосен фокус од своите избраници, поради што им забрани да го напуштаат Олимпиското село до тој натпревар.

„Сега е важно само тоа четвртфинале со Словенија и ништо друго. Не треба да не интересира ништо друго, ниту селфи фотографии крај туристичките атракции, ниту пак настапите на другите полски спортисти. Сите мора да останат во олимпиското село и да размислуваат само за Словенија. Секако дека нема да им забранам да гледаат ТВ или да ги користат мобилните телефони, но сакам да минат повеќе време фокусирани на други работи, не на шетање“, изјави Грбиќ.

Покрај дуелот Словенија – Полска, во останатите четвртфинални средби од одбојкарскиот турнир што на програмата се утре ќе се сретнат Италија – Јапонија, САД – Бразил и Франција – Германија.

Се вчитува...