Грчевски: Без разлика на резултатот, вакви дуели со моќната Шпанија многу значат за нашите девојки

Македонската женска ракометна репрезентација се чини запиша „планиран“ пораз во 3. коло од квалификациите за пласман на Европското првенство 2024 година, од моќната Шпанија.

Селекторот Кристијан Грчевски уште пред дуелот беше свесен каков противник не очекува, и токму затоа натпреварот служеше и како еден вид можност за надигрување со врвна европска селекција.

„Без разлика на резултатот, едни вакви натпревари многу значат за нашата репрезентација. Знаевме дека нема што да загубиме и затоа така и го почнавме дуелот без притисок, затоа што знаевме дека Шпанија е Шпанија, селекција од која може само да научиме а девојката да добијат на мотив и самодоверба дека може да играат, без разлика и на крајниот исход“ – ни изјави Грчевски по мечот, притоа дополнувајќи:

„Мислам дека последните минути од првото полувреме беа круцијални за резултатот. Но, според мене, девојките дадоа максимум и јас генерално сум задоволен без разлика на резултатот. Можеби, за разлика од најдобрите европски селекции, кај нас физичката подготовка не е на високо ниво и тоа влијае за пад на играта во второто полувреме. Но, работиме на тоа и верувам дека и секоја од репрезентативките и индивидуално низ клупските активности ќе работи на тоа“.

Останува уште многу до Европското првенство, иако ние сме и тоа како блиску до пласман на ЕП. Сепак, не чека дуел во Шпанија, најпрво, а ни остануваат и дуелите со Литванија и Азербејџан.

„Како викаат, прво скокни па кажи оп. Затоа и ние не сакаме да се залетуваме дека веќе сме пласирани. Имаме уште за игра. Можеби и тоа што Азербејџан ја победи Литванија оди во наша полза, но верувајте и во таа последна квалификациска недела ние ќе одиме на две победи и заверка на визата за повторно учество на Европско првенство“ – истакнува Грчевски.

Се вчитува...