Женската ракометна репрезентација на Македонија претрпе пораз од 24-20 на гостувањето против фаворитот Шпанија, прикажувајќи одлична игра против една од најквалитетните европски селекции.
Селекторот Грчевски имаше причина за задоволство од големи сегменти во нашата игра, а кормиларот на нашиот национален тим е убеден дека со овој триумф ќе се крене и самодовербата кај ракометарките кога треба да играат против селекции од највисока класа.
„Импресиите се позитивни, за разлика од првиот меч со Шпанија овојпат поправивме многу сегменти во играта, како во одбраната така и во нападот. Покажавме една компактност во одбраната што особено ме радува, нашата цврста дефанзива пресуди за овој резултат денеска. Девојките се бореа и видоа дека можеме да играме со секого, се испочитува она што бевме договорени и јас како селектор можам да бидам презадоволен поради тоа. Самодовербата кај нашите ракометарки е на едно пониско ниво, но по оваа партија увидоа дека можат да се надигруваат со секој противник. Јас им кажав дека сме навистина на еден добар пат, да направиме многу повеќе од ова сега, се надевам дека ќе продолжиме вака, во следната ЕХФ седмица да го завериме пласманот на европскиот шампионат“, изјави Грчевски.
Македонија до крајот на овие квалификации ја очекува гостување против Азербејџан и домашен дуел со Литванија, ривали кои веќе ги совладавме минатата година. Една победа на овие два меча ќе значи и сигурен пласман на ЕП, но нашите ракометарки поседуваат и квалитет и карактер за со два триумфа да стигнат до виза на европскиот шампионат.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА