Грчевски по поразот од Шведска: Преголемиот респект кон противникот и неискуството си го направија своето!

Македонската женска ракометна репрезентација очекувано со пораз од големиот фаворит Шведска (28-18) го почна Европското првенство 2024 во Унгарија, Швајцарија и Австрија.

Селекторот Кристијан Грчевски смета дека преголемиот респект кон противникот си го направи своето и неискуството на нашиот млад состав кој наишол на исклучително силен противник.

„Го почнавме добро натпреварот, но потоа следеа многу технички грешки и промашени зицери. Тоа, според мене, го одлучи натпреварот како и фактот дека во одредени моменти од средбата не знаевме како да реагираме и во нападот и во одбраната“ – истакна Грчевски по натпреварот, притоа дополнувајќи:

„Јасно е дека младоста и неискуството си го направија своето, влеговме на натпреварот и со преголем респект кон противникот, но верувам дека извлековме некои поуки и добивме искуство. Продолжуваме понатаму, гледаме позитивно на настапите на собирот на најдобрите во Европа, се фокусираме на следниот натпревар со Турција на кој ќе се обидеме да ја израдуваме нашата јавност“.

Македонија против Турција ќе игра утре (30. ноември).

Се вчитува...