Грчката војна за Олимпијакос, Фурние човек на одлука

Олимпијакос излезе како победник од грчката пресметка во Евролигата откако „црвено-белите“ вечерва како гости го совладаа вечниот ривал Панатинаикос со 89-94. Во главна улога беше Еван Фурние, францускиот ас кој од НБА-лигата потпиша за Олимпијакос, а вечерва на најважниот меч досега блесна и му ја донесе победата на грчкиот гигант.

Олимпијакос го контролираше резултатот во текот на првите три четвртини. „Црвено-белите“ имаа и двоцифрена предност, на одмор заминаа со 33-41, но како што одминуваше времето така европскиот првак се враќаше во мечот. ПАО на неколку минути до крајот дури и стигна до двоцифрена предност, но тогаш блесна Фурние, погоди три тројки и го трасираше патот на Олимпијакос до победата.

Французинот со 22 поени беше најефикасен во победничкиот тим, 20 поени за Олимпијакос постигна Везенков, додека најдобри стрелци кај Панатинаикос беа Нан со 20 и Лесор и Хернангомез со по 13 поени.

Монако со фуриозен финиш во последната четвртина славеше на гостувањето против Анадолу Ефес со 69-81. Турскиот тим беше подобар противник во првите три четвртини, но последните 10 минути завршија со резултат 10-29 за „кнезовите“, кои на крајот стигнаа до голема победа.  Центарот Папајанис беше изненадување предводејќи ги стрелците на Монако со 15 поени, еден помалку постигна Џордан Лојд, додека прв стрелец на Ефес беше Поарие со 14 поени.

Се вчитува...