Грчката Ракометна Федерација прави се што е во можност за да не дојде до инцидент на трибините за време на утрешниот дуел со Македонија. Истовремено, првиот човек на грчкиот ракомет, Костас Гантис, јавно се закани дека домаќините би можеле утре да го напуштат теренот во Кожани доколку наидат на политичка провокација од нашиот табор.
Претседателот на Ракометната Федерација на Грција на денешната прес-конференција потенцираше дека неговата селекција е подготвена на слично сценарио на она од пред една година, кога на шампионатот за младинки во Скопје грчкиот национален тим се повлече на самиот почеток од дуелот со нашата репрезентација бидејќи на маиците пишувало Македонија.
На прашањето што би се случило доколку има провокации од страна на гостите, Гантис одговори: Дефинитивно ќе го напуштиме теренот. Повторувам, на ова гледаме како на спортски меч, а соседната земја треба да го користи името со кое е признаена меѓународно, се останато би довело до несакан след на околности. Сепак, да бидам искрен годинава бевме на Европско младински првенство во Скопје и немаше никакви проблеми. Исто така, по ждребот во Трондхајм имавме средба со претставници на федерацијата на соседната земја и начелно се договоривме да не се повторат несакани случки како оние од минатото лето во Скопје“.
Македонските и грчките ракометари се сместени во ист хотел во Кожани, без апсолутно никакви проблеми, па останува и битката на теренот да мине во исто светло, без политички провокации и инциденти.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА