Атлетико Мадрид веќе го продаде Алваро Мората во Милан, за Жоао Феликс нема место во плановите на тренерот Диего Симеоне, а според последните информации од „Ванда Метрополитано“ летово би можел да си замине и Антоан Гризман. Францускиот ветеран лани беше незаменлив во првиот тим на Атлетико, но летово би можел да ги промени клупските бои откако Лос Анџелес испрати богата понуда за да го доведе во МЛС-лигата.
За тимот на Лос Анџелес веќе настапуваат двајца француски ветерани, голманот Љорис и напаѓачот Жиру, а амбициозната управа на овој клуб сака да го комплетира француското трио со 33-годишниот Гризман. Понудата се однесува на трансфер за ова лето, а доколку не биде постигнат договор со Атлетико околу висината на отштетата, истата ќе се однесува и за летото 2025 кога Гризман ќе биде слободен играч и без никаква отштета ќе може да ја избере следната дестинација во кариерата.
Искусниот напаѓач во минатото изјавуваше дека би сакал да заигра во САД, но планот беше тоа да се случи по СП 2026. Затоа, француските медиуми најавуваат дека тој планира најпрвин да разговара со селекторот Дешамп за да добие зелено светло за овој трансфер, се со цел преселбата од другата страна на Атлантикот да не ја загрози неговата иднина во националниот тим.
Атлетико веќе го договори трансферот на Довбик од Џирона, но ако се случи да си замине и Гризман јасно е дека поранешниот шпански првак повторно ќе се активира на пазарот за да доведе најмалку уште еден врвен напаѓач во своите редови.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

