Навивачите на Атлетико Мадрид и на Барселона нема уште долго да чекаат за да дознаат чиј дрес ќе го носи Антоан Гризман во наредната сезона. Ситуацијата е добро позната, Гризман има договор со Атлетико, но во истиот има клаузула што го прави достапен за 100 милиони евра, сума што Барса е подготвена да ја плати доколку тој одлучи дека е подготвен за преселба на „Камп ноу“. Фудбалерот се уште нема донесено одлука, се шпекулираше дека во меѓувреме се премислил и решил да остане во Мадрид, но по синоќешниот пријателски меч со Италија, францускиот голгетер најави дека наскоро се ќе биде познато.
„Не би сакал да навлегувам во долги коментари и анализи, едноставно – за иднината ќе одлучам пред СП во Русија, за потоа да можам целосно да се фокусирам на настапот на мундијалот“ – изјави Гризман за француската телевизија ТФ1.
Гризман за партнер во нападот на „триколорите“ летово го има Килијан Мбапе, кој имаше одлична сезона во дресот на ПСЖ.
„На тренерот е да ги бира играчите и формацијата, јас во секој случај сакам да играм што повеќе. Со Мбапе сме играле заедно само неколку средби, очигледно е дека уште се адаптираме еден на друг, но во секој случај сме доволно квалитетни за да му направиме сериозен проблем на секој противник“ – порача Гризман.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА