Тренерот на Вардар, Бобан Грнчаров го најави пролетниот дел од сезоната. И покрај големите проблеми со кои „црвено-црните“ се соочуваа во зимската пауза, одлив на играчи, немање финансии и доцен почеток на подготовките, шефот на стручниот штаб е убеден дека тимот може да дојде до посакуваната цел.
Грнчаров ги повика и навивачите да дадат поддршка на дуелот со Арсими, на почетокот на патот кон прволигашката конкуренција.
„Без оглед на состојбата во клубот со која се соочуваме периодов, подготвени и мотивирани го дочекуваме почетокот на вториот дел од првенството во ВМФЛ и натпреварот против Арсими утре од 14 часот. Максимално верувам во квалитетот и карактерот на овие момци и убеден сум дека и покрај сите проблеми со кои се среќаваме ќе бидеме фокусирани и желни да успееме во својата цел која останува непроменета, да го вратиме најтрофејниот клуб во Македонија таму каде што припаѓа. Сочуван е голем дел од екипата и квалитетно засилен на одредени позиции. Почнувајќи од утрешниот натпревар секој следен ќе биде финале за нас, и токму на таков начин ќе пристапуваме кон секој предизвик.С ите играчи се здрави и во комбинација за натпреварот, со исклучок на Дарко Размоски кој одработува суспензија поради картони. Ги поканувам сите навивачи на Вардар во што поголем број да дојдат утре од 14 часот на стадионот во Автокоманда и да ги поддржат овие момци, со нашите Комити зад нас не постои цел која не можеме да ја оствариме, а ние ќе се оддолжиме со пристап на теренот достоен за најтрофејниот клуб во државата“, изјави Грнчаров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА