Грнчаров: МЗТ нема да менува тренери на секои три порази како со Коневски

Името на Тони Грнчаров засекогаш ќе остане запишано во историјата на МЗТ Скопје како капитен на екипата што ја освои првата шампионска титула на аеродромци. Пред неколку сезони тој ја заврши кариерата, а сега се враќа назад во МЗТ, но со одговорната улога на извршен директор. Свесен за одговорноста, Грнчаров најавува подобри денови за аеродромскиот клуб.

Ако ги споредиме тој период кога бев играч и станавме шампиони, со овој сега, тогаш имавме минимални услови за работа, но функциониравме како еден, имавме бројни навивачи на трибините. Сега кога МЗТ има идеални услови за работа во прекрасна сала, наместо да се оди напред, се назадува ако се гледа целосно, како клуб. Моја обврска како директор е да го вратам клубот на посакуваните патеки, еден аспект е враќање на навивачите, но исто така и професионализација во самиот клуб, вработување на уште неколку лица за да се растоварат оние кои досега ја носеле целата работа на свој грб. Акцент ќе ставиме и на подобрување на имиџот на клубот, маркетингот, нешто што беше запоставено од страна на претходната управа“ – изјавува Грнчаров.

МЗТ Скопје не ја почна сезоната како што посакуваше, но Грнчаров е дециден на една тема – дека македонскиот првак нема да менува тренери како што тоа беше случај со претходното раководство.

„Не почнавме како што посакувавме, но за тоа влијание имаа бројни фактори. Едно можам да кажам, овој МЗТ Скопје нема да менува тренери на секои три порази како што тоа го правеше со Ивица Коневски, кој од позадина раководеше со клубот. Целта ни е да создадеме силна база, а таа не се креира со постојани промени. Александар Тодоров ја има целокупната доверба на управата на клубот, целта ни е шанса во МЗТ секогаш да имаат македонските тренери бидејќи од мојата играчка кариера можам да кажам дека ниту еден странец не бил подобар од нашите стратези. Направивме одредени рокади во тимот, во преговори сме за уште некој македонски играч да дојде во блиска иднина и тоа е тоа, верувам дека имаме конкурентен тим за да ги оствариме зацртаните цели, опстанок во АБА и атак на титулата во домашното првенство“ – порачува новиот директор на МЗТ Скопје.

Се вчитува...