Македонскиот првак Вардар го одработи официјалниот тренинг на стадионот „Паркен“, каде утревечер со почеток во 20 часот, ќе го игра реванш натпреварот против ФК Копенхаген во рамките на третото квалификациско коло од Лигата на шампионите. „Црвено-црните“ имаат предност од 1-0, но нема да се определат стриктно да го бранат на утрешниот дуел.
Капитенот Бобан Грнчаров вели дека Вардар треба да постигне еден гол, за да биде блиску до остварување на целта.
„Не дојдовме во Копенхаген да се браниме. Дојдовме да одиграме уште еден квалитетен натпревар и да се обидеме да направиме историја, да го елиминираме данскиот првак. Имаме 1-0 од првиот меч, тоа е убав резултат, но не смееме сега само да мислиме на дефанзивата, затоа што на секого може да му се случи да прими гол. Тие се квалитетен тим, нема дилеми, а ние ќе треба да одиграме отворено, и да постигнеме еден погодок. Доколку успееме, мислам дека ќе бидеме многу блиску до целосен успех“, изјави Бобан Грнчаров, во пресрет на утрешниот натпревар со ФК Копенхаген.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА