Во таборот на Вардар владее задоволство од добиениот ривал во квалификациите за ЛШ, откако шведскиот првак Малме беше извлечен како прва пречка пред „црвено-црните“ во нивната нова европска авантура. Иако се свесни дека ривалот воопшто не е наивен, „вардарци“ сепак се оптимисти дека ќе можат да се надигруваат со оваа екипа и да стигнат до посакуваниот пласман во следната квалификациска рунда.
„Мислам дека во Малме добивме противник со кого можеме да се носиме и да бидеме во најмала рака рамноправни. Ова ни е трета година по ред да играме квалификации во Лигата на шампионите, и мислам дека сега е шансата да поминеме понатаму. Добро е што првиот натпревар го играме на гостински терен кај нив, и сметам дека имаме големи шанси. Со нетрпение го очекувавме противникот, и сега откако знаеме кој ни е противник се подготовуваме во Австрија за него. Од денеска па натаму ќе го следиме, ќе го анализираме и ќе знаеме повеќе за нашиот ривал во Лигата на шампионите“, истакна капитенот Бобан Грнчаров за клупската веб-страница.
Сличен е ставот и на македонскиот репрезентативец од таборот на Вардар, Никола Глигоров.
„Добивме противник кој што и го посакувавме и не го посакувавме. Сигурно дека имаше и посилни противници во ждрепката. Сега сме, така да кажам на „чисто“, го знаеме противникот, ќе имаме можност да го анализираме и да се подготвуваме за него. Играме прво во гости, што на некој начин може, но и не мора да претставува некаква предност. Би било одлично доколку би постигнале гол во гости, кој што многу ќе ни значи потоа за натпреварот дома. Ќе дадеме максимум конечно во оваа сезона да го минеме тоа прво коло.“, изјави Глигоров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА