МЗТ Скопје Аеродром во нешто повеќе од два месеци, одигра вкупно 17 натпревари со учинок од 12 победи и пет порази. Во разговор за официјалната интернет страница на клубот, извршниот директор Тони Грнчаров вели дека како клуб се свесни за падовите на тимот и одредените резултатски незадоволства но ќе опстојат на определбата шанса да се даде на младиот македонски тренер 34-годишниот Ѓорѓи Кочов.
Според Грнчаров една од најголемите причини за драстичниот пад на македонската кошарка е немањето квалитетни тренери…
„Сите што сме во кошарката сме свесни дека еден од најголемите причина за драстичниот пад е немањето квалитетни тренери. Тие можеби и постоеле во минатото, но едноставно не добивале шанса на сметка на сомнителни странци. Поради тоа, ние се решивме да му дадеме простор на младиот и амбициозен Кочов, кој, сигурен сум, не е ништо полош од сите странски тренери кои низ годините парадираа во МЗТ Скопје Аеродром. Тој допрва ќе го покаже својот квалитет и во целост ја има нашата доверба како управа“ – вели директорот на „металците“.
Составен дел од новата политика во „Јане Сандански“ е и промената на начинот на работа во младинската школа…
„Малкумина знаат дека летово направивме целосна реорганизација на младинската школа заедно со координаторот Огнен Стојановски. Донесовме голем број талентирани кошаркари од внатрешноста на државата бидејќи кошарка не се игра само во Скопје. Наша цел е уште во најрана возраст да ги најдеме новите Гечевски, Стефанов, Илиевски и да им овозможиме напредок во речиси идеални услови со кои несомнено располагаме. Истовремено, ангажиравме и млади и амбициозни тренери, како Дарко Димитријевиќ и Васко Атанасов, од кои очекуваме многу, пред сѐ поради тоа што на нивното усовршување ќе работат имиња како Јанко Луковски, Горан Крстевски и Бранко Крстевски за физичка подготовка. Имаме втора екипа во која се натпреваруваат тие што тропаат на вратата на првиот тим. За првпат, секоја генерација, почнувајќи од М12, има искусен тренер и помлад помошник кој ќе учи од него“ – потенцира Грнчаров.
А, околу критикита за играта на тимот и резултатското „топло-ладно“….
„Не е лесно кога ќе се загуби, верувајте нас во клубот, кои вложуваме огромна енергија на секојдневна основа, секој пораз нѐ боли најмногу. Свесни сме дека има и критики и тоа е нормално, бидејќи сите знаеме кој е и што е МЗТ Скопје Аеродром и какви сѐ очекувања има секој што навива за него. Најлесно е на првата пречка да пресечеме, да донесеме звучно тренерско име од странство и уште седум странци, но тоа не е решение току само моментално алиби и префрлање на проблемите. Затоа, не се откажуваме од сопствените замисли за тоа како треба да ги достигнеме највисоките височини и ќе продолжиме да чекориме по патот за кој веруваме дека ќе нѐ однесе до врвот“ – вели Грнчаров.
Аеродромци летово направија драстична промена во политиката на доведување кошаркари, па основата на екипата беше составена од репрезентативци на Македонија за разлика од претходно кога доминираа странците.
„Факт е дека составивме тим од шестмина македонски репрезентативци меѓу кои се и сигурно најголемите таленти кои нашата кошарка ги имала во последните десетина години како Андреј Маслинко, Љубомир Младеновски и Андреј Магдевски, кои се на возраст од 20-23 години и кои дефинитивно се основата на нашата долгорочна стратегија. И, кога имате играчи во кои досега ретко кој има целосна доверба, треба време тие да сфатат дека можат да одговорат и на најтешките задачи. Нормално е тие да имаат лош ден или да одиграат послаби партии, но на нас е да ја задржиме вербата во нив и да им дадеме поддршка кога најмногу им е потребна. Мораме да издржиме заедно, бидејќи некогаш прво мора да погрешиш па да научиш. Сакаме да иницираме македонската кошарка, конечно, да се сврти кон домашните таленти и да им даде шанса да играат. Тогаш, кога тие ќе знаат дека во нив се верува во матичниот клуб, нема така лесно да заминуваат во странство туку напорно ќе работат за да влезат во првата екипа“ – објаснува првиот човек на тимот од Аеродром.
Освен македонскиот костур, во составот на МЗТ Скопје Аеродром сезонава настапуваат и четворица странци, Лестер Медфорд, Џејмс Вудард, Андрија Бојиќ и Иве Иванов, кои речиси на секој натпревар се меѓу најдобрите.
„Без разлика на нашата македонска стратегија, шампионските амбиции кои ги имаме нѐ приморуваат на тоа, бидејќи нашите навивачи од нас очекуваат титула. Но и летово, а така ќе биде и во иднина, многу внимателно ги биравме странците, кај кои освен играчките внимателно ги гледавме и човечките карактеристики. Наш приоритет е веќе кога мораме, да носиме интернационалци од кои домашните кошаркари ќе има што да научат како на теренот така и надвор од него. Мислам дека сезонава не погрешивме во проценката“ – дополнува Грнчаров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА