Тој е вардарово дете, а и најдобро засилување за „црвено-црните“ откако по долгогодишната интернационална кариера реши да се врати во Вардар. Дефанзивецот Бобан Грнчаров потпиша нов договор со Вардар до 2018 година, по што најверојатно и ќе ја заврши својата богата кариера.
„Презадоволен сум од потписот на новиот договор, на фактот што ќе останам во клубот до 2018 година. Веќе две и пол години сум дел од овој тим, и сега со овој договор уште година и пол или вкупно четири години. Во Вардар ќе ја завршам кариерата, и тоа ми беше сон уште како дете. Целта ми е со Вардар после двете титули, сезонава да освоиме и трета, како и Купот на Македонија. Се надевам дека и во следната ќе успееме да се закитиме со двојна круна и да направиме успех и на меѓународна сцена“, изјави Бобан Грнчаров за официјалниот сајт на клубот.
Досега Грнчаров има 111 официјални натпревари во „црвено-црниот“ дрес. Како млад фудбалер замина во ОФК Београд, но во последните две и пол сезони е столб во одбраната.
„Како оди ќе стигнам до 150 настапи во Вардар, а посакувам и 200, но за такво нешто ќе треба подолг период. За тоа ќе размислувам потоа, важно би сакал тука да ја завршам кариерата. Јас на секој натпревар давам се од себе за победа на мојот тим, за Вардар да има успеси како во првенството, во Купот на Македонија, така и во Европа“, вели Грнчаров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА