Македонскиот првак Вардар ги почна подготовките за настап во квалификациите за Лигата на шампионите, надевајќи се дека оваа сезона нема настапот да го заврши уште на самиот старт од натпреварувањето. На 19 јуни „црвено-црните“ ќе го дознаат и противникот, а капитенот Бобан Грнчаров посакува да се случи ‘трета среќа’ и да се мине барем едно коло во елитниот европски ранг.
„Трета година по ред играме квалификации во Лигата на шампионите. Не успеавме минатите две години да поминеме, и се надеваме дека оваа година ќе успееме. Мислам дека после тоа второ квалификациско коло, потоа ќе ни биде полесно. Затоа е многу важно да се мине оваа прва фаза. Се надевам дека ова година ќе биде трета среќа. Во спротивно се што сме работеле минатата сезона ќе биде залудно. Најважно е клубот да оди напред и да се остане што повеќе во Лигата на шампионите“, вели Грнчаров.
Искусниот дефанзивец не посакува екипи како Селтик, Салцбург, АПОЕЛ, за ривал на Вардар на претстојниот ждреб.
„Сите противници се квалитетни, бидејќи сите се шампиони во своите земји. Посакувам само да се избегнат неколку екипи како АПОЕЛ, Лудогорец, Салцбург и Селтик. Со другите мислам дека ќе се бориме и ќе се надигруваме. Затоа е многу важно добро да се подготвиме сега за тој предизвик“, истакна Грнчаров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА