Грнчаров уште три години на чело на Вардар

Бобан Грнчаров и во следните три сезони ќе продолжи да ја извршува функцијата шеф на стручниот штаб на Вардар, објавија денеска „црвено-црните“, кои и во следната сезона ќе се натпреваруваат во второлигашка конкуренција.

Грнчаров пристигна на чело на стручниот штаб на 11 април, под негово водство екипата заигра далеку подобро, влезе во победничка серија, што сепак беше недоволно за да се избори за влез во баражот за промоција во елитното друштво. Сепак, добрите игри под водство на младиот стратег беа доволна причина за управата да му понуди нов тригодишен договор, каков што потпиша и директорот на клубот, Александар Бајевски.

„Спортскиот директор Александар Бајевски го продолжи договорот со нашиот клуб за наредните 3 години и моментално активно работи на засилувања за наредната сезона за кои што ќе бидете известени во наредниот период. Бобан Грнчаров е назначен за шеф на стручниот штаб во наредните 3 сезони кој како вршител на должноста тренер на Вардар во целост ја оправда укажаната довербата. Помошници на тренерот ќе бидат Златко Таневски и Един Нурединовски“, објави ФК Вардар.

Се вчитува...