Вардар ја освои 11.шампионска титула, надмоќно освојувајќи ја првенствената трка против Шкендија, а пехарот пристигна во рацете на капитенот Бобан Грнчаров. Задоволен од сезоната, искусниот дефанзивец најавува дека допрва следи вистинското искушение за Вардар, настапот во квалификациите за Лигата на шампионите. И потенцира, дека бадијала ќе биде освоена титулата, ако Вардар не направи нешто повеќе во Европа.
„По освоените бодови и разликата која што ја направивме пред конкурентите, изгледа дека оваа сезона беше полесна од минатата. Решавачки беше натпреварот во Тетово кога триумфиравме над Шкендија со 0:2. Влеговме со речиси идентичен број на бодови, а од тој натпревар па до крајот на првенството целосно доминиравме. Од третото коло Вардар е прв на табелата, и на крајот заврши на таа позиција. Криво ми малку што на некои натпревари со послаби противници направивме грешки и имавме лоши резултати, меѓутоа сите дерби дуели ги решивме во наша корист. Сосема заслужено сме шампиони, разликата не е мала, така да задоволни сме. Сега останува да се подготвиме за Лигата на шампионите. Треба прво да го добиеме противникот, па потоа да коментираме. Меѓутоа залудно сме освоиле титула, ако во Европа не направиме ништо“, изјави Бобан Грнчаров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА