„Гром од ведро небо“: Герет Бејл објави крај на кариерата!

Крајно неочекувана вест за фудбалскиот свет. Велшкиот репрезентативец Герет Бејл преку социјалните мрежи објави дека става крај на својата фудбалска кариера!

На само 33 години Бејл се одлучи да се повлече од фудбалските терени, и дефинитивно заминувајќи во пензија.

„По сериозно размислување, најавувам дека веднаш се повлекувам од клупскиот и меѓународниот фудбал. Се чувствувам навистина среќно што го остварив мојот сон да се занимавам со спортот кој го сакам. Тоа ми ги овозможи некои од најдобрите моменти во животот. Горд сум на мојата клупската кариера и благодарен што сето тоа ми беше овозможено. А, да се игра и да се биде капитен на својата земја 111 пати навистина беше остварување на сонот“ – напиша Бејл на својот Инстаграм профил, притоа дополнувајќи:

„Искажувам комплетна благодарност на сите кои одиграа улога на овој мој пат. Се чувствувам должен на многу луѓе кои ми помогнаа да го променам својот живот и да ја обликувам својата кариера на начин на кој не можев ниту да сонувам кога имав девет години. Искажувам благодарност на сите мои клубови, Саутемптон, Тотенхем, Реал Мадрид и конечно ЛАФЦ. На сите мои тренери и менаџери, моите неверојатни пријатели и семејството…. Моите родители и мојата сестра, без вашата посветеност во тие рани денови, без така силен темел, сега немаше да ја пишувам оваа изјава. Затоа ви благодарам што ме упативте на овој пат и на вашата безрезервна поддршка. И секако огромна благодарност на мојата сопруга и моите деца, на вашата љубов и поддршката која ми ја дадовте, секогаш покрај мене низ сите мои подеми и падови. Вие бевте мојата инспирација да бидам најдобар, а вас да ве направам горди. Сега следи нова фаза во мојот живот, нови предизвици и нови инспирации“.

Се вчитува...