ГРОЗДАНОСКИ и ЃОШЕВСКИ во „ПРЕСИНГ“ – За амбициозните родители и притисокот врз децата: „Само 1% од децата кои тренираат стануваат фудбалери!“ (ВИДЕО)

Во најновата епизода на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ на ЕКИПА.МК гости членовите на златната вардарова генерација од 2003 година и поранешни македонски репрезентативци Влатко Грозданоски и Никола Ѓошевски.

Сега, Влатко Грозданоски, кој до неодамна беше прв помошник на Боби Милевски во А-репрезентацијата, и сопственик, заедно со својот брат – исто така поранешен истакнат македонски фудбалер Марјан Грозданоски, на една од најпрепознатливите фудбалски школи во Македонија – „Академија Грозданоски“, а Никола Ѓошевски – најголемиот македонски фудбалски агент кој се грижи за кариерите на голем број млади фудбалери и македонски репрезентативци!

Меѓу бројните теми на разговор во најновиот подкаст на „ПРЕСИНГ“ токму и за секогаш една од најсензитивните теми во македонскиот спорт – вистинската работа со најмладите категории, за амбициозните родители и за притисокот кон најмладите.

„Јас од искуство ќе кажам затоа што нели имам своја фудбалска школа. Ќе гледам да разговарам и од страна на родител, и од страна на тренер. Затоа што и јас имам деца. Девојчиња се, и нема да играат фудбал, меѓутоа сите знаеме ние родителите дека децата ни се слаба страна. Од една страна се трудам да ги разберам, затоа што тие сакаат сè најдобро за своето дете. Сакаат да го гледаат своето дете да биде среќно, да се забавува, да ужива во спортот. Меѓутоа, од друга страна, се пречекоруваат некои граници па се создава премногу притисок на децата и очекувањата од нив се премногу големи“ – вели Грозданоски и дополнува:

„Секој родител кога ќе го запише најпрво малото дете, на почеток тргнува со цел – ајде нека трча, нека тренира чисто само да го изнесам од дома. Доколку детето после неколку тренинзи или месеци покаже одреден талент, тогаш амбициите растат, па ајде да видиме да го однесеме во еден, во друг клуб, во трет клуб. Па потоа индивидуални тренинзи, па притисоци кон тренери. Мој совет за сите родители, пак ќе кажам, стојам од двете страни и гледам и од родителски аспект и од тренерски аспект, е да ги остават децата да уживаат, да бидат среќни со тоа што нивните деца одбрале спорт, а не нешто друго. Да бидат среќни затоа што нивните деца ќе се развиваат правилно, ќе се социјализираат, ќе се дружат, ќе патуваат на различни натпревари, различни турнири во други земји. Дали ќе бидат фудбалери, не треба да размислуваат за тоа. Дали ќе бидат фудбалери, тоа можеби може да се види некаде после шеснаесеттата година, 15-16 година, затоа што ништо не значи ако дете е талентирано на шест, седум, осум, девет години. Може да биде екстра талент, но ќе влезе во некој период развоен, каде што влегува во пубертет, многу работи се менуваат. Има многу примери каде екстра талентирани деца на петнаесет години завршуваат со фудбал. Има многу примери, пак, деца кои што не покажувале некој си којзнае каков квалитет во рана возраст стануваат врвни фудбалери. Така да, единственото нешто што треба е да ги остават децата да уживаат. Резултатите се најмалку битни до 13-14 години“.

Школото, пред се за децата до 14 години додека не може се уште да се види дали може да бидат спортисти, мора да биде главно, пред спортот! Школото никако не смее да се запостави!

„Но секогаш, секогаш, родителите треба да се стремат школото да им биде број еден на децата, а не фудбалот. Тука се прави многу голема грешка, затоа што на основ на фудбалот, ако детето е талентирано, родителот вложува се во своето дете. Јас не викам дека не треба, треба да го поддржи максимално. Но, вложува се и тоа дете знае само фудбал, фудбал, фудбал, фудбал, фудбал. Утре ќе тргнат работите во некоја друга насока. Детето го запоставува школото. Доаѓа на седумнаесет, осумнаесет години кога ќе заврши тој младински фудбал и детето е во голем проблем.“

Сосема еднакво е размислувањето и на Никола Ѓошевски…

„Знаете како, преку таа огромна желба, тој родител детето да стане спортисти, а кој не е една година но долг процес кој трае седум-осум години, само му штети на своето дете. Тука треба едукација и на родителите. Тоа е еден социјален проблем кој што веројатно го има во сите земји во ова модерно време, посебно во вакви земји како што е нашата, каде што родителите со таа преголема желба детето да е фудбалер, му штетат на тоа дете десеттина години и после многу тешко да се насочи кон вистинскиот пат“ – вели Ѓошевски.

Секој фудбалер кој станал успешен е не затоа што тоа го сакал татко му, туку обратно. Денес имаме многу случаи родителите повеќе да сакаат да спортуваат нивните деца, од самите деца. Така не било никогаш!

„Треба да се едуцираат родители и преку статистички примери. Да им се објасни дека научно е докажано, дека само 1% од децата во школата продолжуваат да се занимаваат со фудбал. Така е и во Шпанија, така е и во Малта, така е во Кина, така е и во Англија, така е во Германија. Значи, научно е докажано дека само 1% од децата од школата продолжуваат, не дека успеваат, туку продолжуваат да егзистираат во фудбал. Тоа значи дека во една школа од 3000 деца околу 30 деца ќе се занимаваат некако со фудбал, дали прва лига, втора лига, трета лига, ќе има некаква егзистенција. Во школа од 300 деца, околу три деца ќе се занимаваат со фудбал. Кога тоа ќе го знаат родителите, мислам дека нема да влегуваат во таков ризик на форсирање, туку ќе го остават детето мирно самото да се развива, бидејќи и клубовите, секој клуб сака добар играч. Секој клуб сака да произведе добри млади играчи. И, таа проценка кој е добар за сениорски фудбал ја прават клубовите, а не родителите. Да, туку има и проблеми, затоа што некои клубови тоа не го прават доволно добро. Меѓутоа, постојат други клубови…“ – дополнува Ѓошевски.

„Порака, нека биде генерално, е вака и кон сите нас, и кон родителите, дека треба да ги остават децата да уживаат, како што кажа Влатко, да се среќни, бидејќи се социјализираат, дружат, има некоја дисциплина дека има тренинг во шест часот, треба да јаде во три, треба да е во пет таму. Тука има едни бенефити коишто се животни бенефити, не се само фудбалски. Поголем е тој ефект, отколку фудбалскиот ефект. Секој фудбалер којшто успеал во својата кариера, не успеал дека сакал татко му, туку обратно. Е, ние имаме многу примери сега кај што родителите ги форсираат децава да играат фудбал. Тоа така не било порано никогаш!“

Се вчитува...