Македонија и арената „Филип Втори“ во Скопје на 8 август треба да бидат домаќини на Суперкупот на Европа, а најголем дел од подготовките за одржување на оваа значајмна спортска манифестација се веќе завршени, соопшти денеска директорот на АД за изградба и за стопанисување со станбен и деловен простор (ПУИГ) Цветко Грозданов. Тој ги отрфли како шпекулации и неосновани обвинувањата од градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, дека на арената „Филип Втори“ се вршат незаконски дејства и дека одржувањето на Суперкупот е доведено во прашање.
Цветков на прес-конференција најави дека ќе поднесе кривична пријава за Жерновски и за Центар зашто го довеле, како што нагласи, ПУИГ и него како менаџер во заблуда. Прво му издале одобрение за градба на земјиштето во рамки на арената каде што треба да бидат поставени возилата за пренос на Купот, односно за медиумите, а потоа, по два месеца се прогласиле за ненадлежни, поништувајќи го претходно издаденото одобрение.
„Ги уверувам граѓаните дека одржувањето на Купот на УЕФА ќе се одржи и во ниту еден случај нема да биде доведен во прашање. Ништо нема да не поколеба да го завршиме проектот, независно дали нашата институција ќе има дополнителни трошоци или какви било финансиски импликации кон изведувачот“ – истакна Грозданов.
Подготовката на земјиштето на кое, според првичниот проект требало да има тениски терени, е 70 проценти завршена, но сега, откако Општина Центар го повлече одобрението за градба, тоа ќе биде само израмнето бидејќи, како што објасни Грозданов, и така веќе ги исполнува условите за потребната цврстина што ја бара УЕФА.
Директорот на ПУИГ информира дека се бараат алтернативни решенија со цел целата оваа градежна активност да биде во законски рамки.
„ПУИГ ќе се обрати до Државниот градежен инспекторат за да го врати земјиштето во првобитна состојба и, место тениски игралишта со тврда подлога, да биде само израмнето“, истакна Грозданов.
Кривичната пријава против Жерновски и Општина Центар ќе биде поднесена идната недела.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА