Ромен Грожан чудесно ја победи смртта откако неговиот болид се запали за време на трката за ГН на Бахреин. Болидот гореше 27 секунди, но францускиот возач успеа да излезе од него, со хеликоптер беше пренесен во болница, минувајќи без посериозни последици.
Тој во интервју за француската телевизија ТФ1 говореше за кошмарната половина минута во која во очи и гледаше на смртта.
„Среќен сум што останав жив, не знам дали може да се користи зборот чудо, но во секој случај би рекол дека не било мое време да умрам. Ја видов смртта со свои очи, како доаѓа по мене. Не ми беше страв за мене, туку за моите сакани, за децата, за родителите… Смртта дојде по мене, не гледав друг излез освен да и побегнам“, вели Грожан.
Притоа, Французинот откри и како се чувствувал заробен во пламенот.
„Ми рекоа дека траело 27 секунди, слободно можам да кажам дека за мене беше многу подолго. Најпрвин визирот ми стана портокалов, а од левата страна забележав огромен пламен. Тогаш си реков дека морам да излезам поради моите деца. Ги испружив рацете и веднаш почувствував дека горат. Успеав да излезам, а тогаш почувствував како некој ми помага. Знаев дека сум излезен“, открива Ромен Грожан.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА