Грција е новиот тест: Кошаркарките полни со самодоверба против фаворитот

Женската кошаркарска репрезентација на Македонија успеа да слави на премиерниот дуел од квалификациите против Данска, како најава за подобри денови на овој национален тим во периодот што следи.

Квалификацискиот циклус продолжува веќе денеска, и тоа со домашен дуел против селекцијата на Грција (18 часот, СРЦ Кале). Грција важи за главен фаворит за првото место во групата, секако и за триумф на овој дуел, но во првото коло претрпеа пораз на домашен терен од Хрватска.

Причина плус за нашите репрезентативки да веруваат во чудо на овој дуел.

„После победата со Данска, имаме уште поголема мотивација за она што следува односно натпреварот со Грција. Знаеме сите добро за каква селекција се работи. Но ветувам дека ние ќе дадеме се од себе, и со една максимално пожртвувана игра ќе му се спротивставиме на фаворизираниот ривал. Ако победивме еднаш, зошто да не победиме повторно. Се е можно. И искрено се надевам дека ќе биде така, со максимум од сите оние кои вечерва ќе истрчаат на теренот во “Кале“. Ако ги испратиме до крај инструкциите и договорот за игра на тренерите, би требало да биде ОК. Очекувам и многу поголема поддршка од публиката. Ни треба, особено на вакви натпревари, против многу квалитетни репрезентации каква што пред себе ќе имаме вечерва“- изјави Селцова во пресрет на дуелот со Грција.

Се вчитува...