Грција преку Чешка до билет за четвртфиналето од Евробаскетот

Грција е последниот патник во четвртфиналето од Евробаскетот 2022 откако во елиминацискиот натпревар против Чешка славеше со 94-88. Во одличниот натпревар победникот беше решен на средината на последната четвртина со што Грците закажаа средба против домаќинот Германија во следната фаза.

Доброто отварање на натпреварот и донесе на Грција двоцифрена предност уште во воведните минути (16-6), но како што одминуваа минутите Чешка успеа да ја консолидира својата одбрана, да најде вистинско решение во нападот и изеднчи по првата четвртина (20-20). Чесите на моменти беа и подобриот противник до крајот на првото полувреме па со серијата од два коша во низа на самиот финиш на втората четвртина стигнаа до предност од 41-45.

Добриот моментум на Чесите им дозволи контрола на резултатот на отварањето на второто полувреме, но и покрај тоа што во поголемиот дел од третата четвртина Грците бркаа негатива, не дозволија Чешка да се одлепи. На влезот во последните десет минути Грците имаа негатива од четири поени (63-67), а конечно го скршија отпорот на противникот на средината на последниот дел.

Добрата игра во одбраната дозволи лесни поени во нападот па во еден момент на крилја на Јанис Адетокумпо, Грција поведе со осум поени (80-72). Чесите до крајот се обидоа да се вратат во игра, но немаа сили да ја сведат негативата под четири поени.

Јанис Адетокумпо со дабл-дабл од 27 поени и 10 скока беше лидер на Грција, а него го следеше Калатес со 14 поени и 6 асистенции. Весели беше лидер на Чешка со 21 поен, додека Хрубан додаде 17 поени.

Се вчитува...