Грците со големи проблеми пред баражот против Хрватска

Грчкиот селектор Михаел Скибе се соочува со огромни проблеми при составувањето на тимот во пресрет на првиот дуел од баражот за пласман на СП 2018, на кој нашиот јужен сосед во Загреб ќе му гостува на националниот тим на Хрватска.

Најдобриот грчки дефанзивец Костас Манолас поради суспензија ќе го пропушти дуелот на „Максимир“, a поради повреда од овој натпревар отпадна и Петрос Манталос. Згора на тоа, Скибе до последен момент нема да знае дали ќе може да смета на вториот клучен дефанзивец Сократис Папастатопулос, кој заработи незгодна повреда на дербито меѓу Борусија Дортмунд и Баерн Минхен, на кое мораше да биде заменет уште во првото полувреме.

Папастатопулос допатува во Атина и синоќа тренираше индивидуално, исто како и искусниот Торосидис, па нивниот настап во Загреб е крајно неизвесен. Поради тоа, Скибе дополнително повика двајца нови одбранбени фудбалери, Мариос Оиконому од СПАЛ и Димитрис Коловетсиос од Панатинаикос, кои сепак според реномето и квалитетот се далеку зад Манолас и Папастатопулос.

 

Се вчитува...