Груби противници, вештачка трева: Салах се враќа предвреме во Ливерпул…

Мохамед Салах постигна гол за триумфот на Египет над Мавританија од 2-0, но најдобриот фудбалер на „фараоните“ најверојатно ќе го пропушти следниот меч со истиот противник.

Мавританија во вторник ќе го пречека Египет на домашен терен, а техничкиот директор на „фараоните“, Хосам Хасан, обелодени дека ќе му даде зелено светло на асот на Ливерпул предвреме да севрати во клубот.

„Добро познато е дека вештачката трева во Мавританија е крајно лош и ризикот од повреда е голем. Исто така, противниците се познати од острата игра и грубите стартови. Веќе им реков на Мохамад Салах, како и на дел од останатите поважни играчи во нашиот табор, ако сакаат да се вратат предвреме во своите клубови ние веднаш ќе им дозволиме“, изјави Хасан.

За очекување е Салах да се реши за ваков потег и да не ризикува повреда пред серијата клучни средби за Ливерпул, ако се знае дека „црвените“ во првите две средби по репрезентативната пауза ќе се сретнат со Челси и со Арсенал.

Арне Слот на располагање од утре ќе го има и капитенот Вирџил ван Дајк, кој предвреме го напушти кампот на холандската репрезентација откако доби црвен картон на синоќешното гостување против Унгарија.

Се вчитува...