Со денешните дуели од групата А со почеток во 16 часот официјално стартува третото коло од СП 2018, кое ќе даде одговор за патниците во осминафиналето. Кога станува збор за двете најдобри селекции од групата А, тука нема никакви дилеми, Русија и Уругвај се сигурни патници во следната рунда, а овие две селекции денеска во меѓусебен дуел ќе одредат која од нив ќе биде првопласирана, а која како второпласирана ќе се најде во мундијалското осминафинале.
Домашната Русија делуваше супериорно во првите две кола, што и овозможи подобра гол-разлика од Уругвајците, па денеска и реми ќе биде доволно за „зборнаја“ да остане на врвот на табелата. Уругвајците во двете свои средби славеа со минимални 1-0, одбраната делува цврсто, но нападот од Суарез и Кавани дефинитивно може многу подобро, особено на н0каут средбите на кои веќе ќе се нема право на грешка.
Русија го има најдобриот напад (заедно со Белгија) со осум постигнати гола по првите две кола, но избраниците на Черчесов денеска ќе имаат тежок испит против најцврстата одбрана, Уругвај е единствената селекција заедно со Хрватска што нема примено гол на овој мундијал. Кај Уругвајците ќе недостига дефанзивецот Хименез, кој го постигна победничкиот гол против Египет, но денеска нема да може да им помогне на соиграчите.
Во сенка на овој дуел за врвот ќе мине пресметката меѓу Египет и Саудиска Арабија, селекции кои веќе немаат шанси за осминафиналето, па денеска ќе се борат за утешното трето место во групата. Наспроти шпекулациите за негово незадоволство и напуштање на репрезентацијата, Мохамед Салах е подготвен да ги предводи „фараоните“ на овој меч, во обид да стигнат до првата мундијалска победа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА