Погледите при вечерашната програма на мундијалот ќе бидат насочени кон Лионел Меси и Аргентина, во обид „гаучосите“ да ја надминат слабата форма од првите две средби и со победа над Нигерија да се пласираат во осминафиналето. Исто така, на Аргентинците ќе им биде потребна и помош од Хрватска, за „коцкестите“ да не загубат на својот натпревар против Исланд. Доколку Исланѓаните триумфираат, тогаш Аргентина за пласман понатаму ќе треба да победи со најмалку еден гол разлика повисока, во однос на гол-разликата од мечот Хрватска – Исланд.
Селекторот Сампаоли се наоѓа пред отказ, а информациите од аргентинскиот табор говорат дека неговата улога на денешниот меч ќе биде минимизирана, а самите фудбалери ќе го изберат составот, предводени од Лео Меси. Едно е сигурно, Ди Марија се враќа во стартниот тим, а Игуаин би требало да го заземе местото на Агуеро. Се најавува и промена во одбраната, Аргентина ќе заигра со четири фудбалери во линија, во обид да се запре опасниот нигериски напад предводен од Муса.
Хрватскиот селектор Златко Далиќ најави дека ќе ги одмори речиси сите свои најдобри фудбалери за дуелот против Исланд. Како што е најавено, стартери ќе бидат само Модриќ и Перишиќ, но затоа во тимот ќе ги нема Манџукиќ, Субашиќ, Ребиќ, Брозовиќ… Останува да се види дали исландскиот состав ќе го искористи тоа, со оглед на слабата игра што оваа селекција ја прикажа во второто коло против Нигерија. Падот во формата на главниот играч Сигурдсон е и повеќе од очигледен, бункерот против Аргентина даде со плод, но Исланд се соочува со поголеми проблеми кога треба да креира шанси и да постигнува голови, како што ќе биде случај на вечерашниот дуел со Хрватска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА