Еурофарм Пелистер денеска го одигра првиот официјален натпревар под ова име, по фузијата на двата битолски суперлигаши, Пелистер и Еурофарм Работник. Овој прв меч сепак нема да се памети по добро бидејќи битолчани го загубија ова „деби“, на домашен терен од Загреб со резултат 27-28.
Откако во оваа сала веќе го натераа на капитулација моќниот Веспрем, битолските „фармацевти“ се надеваа на сличен исход и на денешниот дуел со хрватскиот првак, кој игра крајно променливо цела сезона. Сепак, домаќините не успеаја да го наметнат сопствениот стил на игра, поради што речиси цел натпревар беа во резултатска негатива.
Загреб го отвори мечот со водство од 1-3, што потоа го зголеми на 3-6, па и на 10-14. На одмор се замина со водство на гостите од Хрватска од 12-16, „пелистерци“ заиграа нешто подобро во вториот дел, во неколку ситуации ја намалуваа предноста на еден гол, а при 19-2о не искористија три напади за израмнување. Во последните пет минути се играше „гол за гол“, разликата се движеше меѓу еден и два погодоци во корист на гостите, но избраниците на Веселин Вујовиќ го издржаа завршниот притисок и стигнаа до конечен триумф од 27-28.
Остроушко со седум и Ѓукиќ со пет гола беа најдобри стрелци на Пелистер, но играч број еден на натпреварот беше гостинскиот капитен Хорват со десет погодоци без ниту едно промашување.
Македонскиот вицепрвак со овој пораз остана на делба на четвртото место со екипата на Металопластика, со по девет бода, дури шест помалку од Загреб и од Мешков Брест.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА