Манчестер Сити загуби уште еден меч во Лигата на Шампионите, овојпат на гостувањето против Јувентус, седми неуспех на „граѓаните“ на последните десет средби во сите натпреварувања.
Пеп Гвардиола делува како да нема одговор за резултатската криза на својот тим, кој на две кола до крајот на групната фаза падна на 22. место на табелата во ЛШ. Илкај Гундоган е еден од најискусните фудбалери во таборот на Сити, па германскиот плејмејкер го потенцираше проблемот на својот тим.
„Ова е крајно разочарувачки, на секој натпревар имаме шанси да го отвориме резултатот, не го правиме тоа, и потоа го губиме ритамот. Како секој напад на противникот да е иклучително опасен по нас, губиме контрола, стануваме конфузни… Наместо да играме едноставно, како што тоа го правевме со години наназад, ние компликуваме и стигнува казната. Самодовербата е значаен дел од играњето фудбал и очигледно е дека менталниот аспект е голем проблем за нас во моментов. Може да се види тоа, по една загубена топка или дуел паѓаме на психолошки план. Неверојатно е како во клучните моменти одлуките што ние ги носиме се сосема погрешни, тотално различни од она што треба да се направи“, изјави Гундоган.
Следен предизвик за Манчестер Сити е големото градско дерби со Манчестер Јунајтед во рамките од Премиер-лигата, закажано за недела со почеток во 17.30 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА