Тренерот на белорускиот претставник Динамо Минск, Сергеј Гуренко, верува во успех во двомечот против Работнички, во рамките на второто квалификациско коло од Лигата на Европа. Тој вели дека македонскиот тим е квалитетен, но се надева дека патникот ќе се решава на вториот меч во Белорусија.
„Имаме верба во сопствените можности. Дојдовме во Скопје да извлечеме поволен резултат, а сметам дека патникот во следното коло секако ќе се решава на вториот меч, на кој ние ќе бидеме домаќини. Работнички е квалитетен тим, но ние веруваме во успех и дојдовме тука да одиграме добар натпревар. Сигурно дека нема да биде лесно, пред се затоа што и временските услови се навистина исцрпувачки за играње фудбал. Но, подготвени сме за предизвикот“, изјави Сергеј Гуренко, на прес – конференцијата во комплексот на ФФМ.
По ова, тимот на Динамо Минск ќе го одржи и официјалниот тренинг на комплексот „Петар Милошевски“ во Куќата на фудбалот, во пресрет на утрешниот дуел против „романтичарите“, кој ќе започне во 18 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА