Ѓуроски е на излезна врата од Работнички, дестинација – Куманово

Работнички се соочува со огромни проблеми од почетокот на сезонава, а кризата ќе кулминира на стартот од новата година откако по низата странски заминувања сега на излезна врата од клубот се наоѓа и Стојан Ѓуроски.

Крилниот кошаркар е најдобар поединец во таборот на „центарци“ сезонава, но финансиската нестабилност и неизвесноста околу амбициите на клубот придонеле и тој самиот да повлече чекор за промена на клупските бои. Како што дознава ЕКИПА, македонскиот репрезентативец во текот на вчерашниот ден ги известил раководните лица во клубот за својата одлука, па големи се шансите тој воопшто да не настапи за Работнички во првиот меч од новата сезона, на гостувањето против Пелистер во Битола.

Неофицијално, Ѓуроски е најблиску до трансфер во Куманово, клуб што беше во потрага по квалитетно домашно засилување и би сакал да го види репрезентативецот во своите редови. Условите за соработката се начелно договорени и се чека само на средување на одредени детали пред трансферот да биде официјализиран.

Финансиските проблеми на Работнички се јавна тајна уште од стартот на сезонава, во меѓувреме „пожарот“ само за момент беше изгаснат, но долговите повторно почнаа да се таложат. Поради тоа си заминаа дел од странските кошаркари, а проблем плус е што најтофејниот македонски клуб има нови пет „БАТ забрани“ за трансфери од ФИБА, поради што нема да може да регистрира нови кошаркари во наредниот период.

Се вчитува...