Македонската репрезентација забележа огромна победа во Попрад над Словачка, оставајќи ги зад себе разочарувањата од последните два квалификациски циклуси. Стојан Ѓуроски кој имаше значаен придонес во одбраната во втората четвртина (кога беше создадена клучната предност), не го криеше задоволството од остварениот триумф, со кој беше направен огромен чекор за бегство од ова „друштво“ на потпросечни репрезентации.
„Чувствувавме дека е време да им покажеме на сите дека можеме да играме многу подобро, дека местото не ни е меѓу овие репрезентации. Со играта во Словачка и со заслужената победа го покажавме токму тоа. Знаевме дека нивно главно оружје ќе биде Кајл Курич и се обидовме на најдобар можен начин да го неутрализираме, верувам дека успеавме во тоа. Одигравме одлична одбрана во првите 20 минути, кога приммивме само 30 поени и тој ритам го внесовме и во второто полувреме“ – изјави Ѓуроски.
Кошаркарите доцна вечерва ќе се вратат назад во Скопје, каде веќе в недела ги очекува нов предизвик, домашниот дуел против Швајцарија.
„Мораме експресно да ја заборавиме Словачка и да се фокусираме на дуелот со Швајцарија што е пред нас. Секако дека се надеваме на уште една победа, за со максимален ефект да го завршиме овој прв круг во квалификациите“ – оптимист е Стојан Ѓуроски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА