Ѓуроски: Одигравме „машки“ кога беше најважно и заслужено победивме

Македонските кошаркари рано утрово се вратија назад во Скопје, каде од вечерва ќе ја остават зад себе победата над Косово и погледите ќе ги насочат кон неделната пресметка со Романија. Триумфот во Косово е апсолутно заслужен, а еден од оние кои блеснаа кога беше најважно беше и Стојан Ѓуроски, кој го заврши мечот со 14 поени.

„Ако го тргнеме на страна оној дуел со Швајцарија мислам дека на секој натпревар играме се подобро и подобро, тој тренд го продолживме и во Приштина, каде стигнавме до заслужен триумф. Мислам дека конечно сите ние увидовме што точно бара селекторот од нас, ги пренесуваме неговите замисли на теренот и тоа ни носи резултат. Што се однесува до мене, Давитков има голема доверба и мило ми е што му возвратив со добра игра на еден така важен натпревар. По оној лански пораз имавме некоја позитивна нервоза пред мечот, знаевме кои грешки не смееме да ги повториме и тргнавме фуриозно. Во третиот период дојде до мала криза, промашивме неколку отворени шутеви, а потоа влеговме во период на игра „во грч“ во нападот. Сепак, најважно е што одигравме „машки“ кога беше најважно, се одлепивме во клучните моменти од натпреварот и заслужено победивме“ – изјави Ѓуроски.

Стојан Ѓуроски минатата сезона прикажуваше одлични игри во дресот на Блокотехна, а летово се реши за трансфер во Шпанија, во редовите на екипата на Хуеска.

Се вчитува...